Русија започна војна со Украина, луѓето во Киев се кријат во метрото, метеж за излез од градот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сирени кои алармираат напад рано утрово ги разбудија жителите на Киев. Во 5 часот утрово по локално време се слушнале првите експлозии.

Многу од нив побрзаа кон подземните метро станици за да се засолнат. Повеќето од нив се со куфери.

Неколку часа претходно, воената акција ја најави претседателот на Русија, Владимир Путин.


„Околностите бараат од нас да преземеме решителни и итни потези. Народните републики во Донбас и се обратија на Русија со барање за помош. Во таа насока, во согласност со член 51, точка 7 од Повелбата на ОН, и со одобрение на Советот на Федерацијата и во согласност со договорите за пријателство и взаемна помош со Доњецката и Луганската народна република ратификувани од Федералното собрание, јас одлучив да се спроведе специјални воени операции“, изјави Путин.

Во Украина по вонредната, сега воведена е и воена состојба. Тоа дозволува зголемено присуство на војската, но и можноста секој да поседува оружје во себе.


„Почитувани Украинци, утрово рускиот претседател Путин најави специјална воена операција во Донбас. Русија изврши удари врз нашата воена инфраструктура, врз нашите граничари. Во многу градови во Украина се слушнаа експлозии. Воведуваме воена состојба низ цела држава. Пред една минува имав разговор со американскиот претседател Бајден. САД почнуваат да собираат меѓународна поддршка. Денес ни требате, секој од вас да биде мирен. Ако е можно, останете дома, ве молам. Ние работиме, армијата работи. Целиот безбедносен и одбранбен сектор на Украина работи,“ рече Зеленски.

Киев целосно ги забрани комерцијалните летови, па голем дел од граѓаните се качија во автобусите за да го напуштат градот. Сообраќаен метеж за излез од Киев.

На улиците на Киев е тивко, без паника. Состојбата за жителите била очекувана. По воведувањето на вонредна состојба има повеќе војска од вообичаено.