Малите депонии ќе можат да се затворат само со изградбата на регионални депонии, додека депонијата Русино во Гостивар ќе продолжи да функционира како таква, иако првично беше најавено дека ќе биде активна само пет години. Министерот за екологија, Муамет Хоџа, денеска беше во Гостивар каде беа промовирани нови уреди за одржување на депонијата Русино.
„Се надеваме дека со изградбата или обновата на регионалните депонии за управување со отпадот ќе дојде крајот и на незаконските депонии. Како што ве известивме во минатиот месец, веќе сме во првата фаза на реализација на проектот за изградба на Регионални центри за собирање отпад, а еден од нив е токму овој тука во Русино, каде започнуваме со првата фаза – обезбедување на опрема и механизација која ќе се користи за Русино, но и за општините од овој регион“, изјави министерот за екологија, Мухамет Хоџа.
Хоџа информираше дека регионалната депонија Русино, иако првично беше планирано да се премести од сегашната локација поради загадувањето на водата и близината на градот Гостивар, нема да се преместува, туку ќе се инвестира во нејзиното уредување и модернизација.
„Изградбата на регионалните центри за управување со отпад ќе опфати неколку региони, а еден од нив ќе биде токму изградбата на регионалниот центар за собирање отпад овде во Русино“, рече Хоџа.
Министерот зборуваше и за правниот статус на депонијата Дрисла, која, според него, ќе остане под ингеренција на Град Скопје. Овие изјави Хоџа ги даде денеска при инаугурацијата на новата механизација за депонијата Русино во Полошкиот регион, обезбедена со поддршка од ЕБОР и Амбасадата на Швајцарија.
