Земјите како Молдавија и Грузија во регионот на Црното Море и Босна и Херцеговина од Западен Балкан се „жешки точки“ во однос на рускиот притисок и влијание! Денеска, на вториот ден од состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, фокусот беше токму на безбедноста и најголемата поддршка за овие кревки земји, кои Кремљ може полесно да ги дестабилизира. За прв пат на ваква средба беше поканета и Босна и Херцеговина, чија министерка за надворешни работи отворено изразува загриженост за иднината на нејзината земја во време кога се прават напори за формирање нова влада.
„Како што можеби знаете, имаме или сме имале руски „претставници“ во нашата влада, така што поделбите во земјата се длабоки и се надеваме дека ќе успееме да ги надминеме“, вели Бисера Турковиќ.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг истакна дека Босна и Херцеговина е важна за безбедноста на целиот Западен Балкан, па затоа увери натамошна поддршка од Алијансата.
„Мислам дека за да може да се спротивставиме на руските обиди за влијание на БиХ, најважното нешто што треба да се направи е да се заврши формирањето на владата и да се разбере дека сè што може да ги зајакне владините институции, ќе ја направи БиХ е постабилна против секое надворешно влијание“, додаде Јенс Столтенберг.
Затворањето на отворените прашања во Западен Балкан би го спречило руското влијание во регионот, оценува министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој на средбата со колегите од земјите на НАТО увери поддршка за државите од регионот на Црното Море, Босна, но и за Косово.
Главниот фокус на овој дводневен состанок на министрите за надворешни работи беше помошта на земјите-сојузници на НАТО за Украина, особено сега во пресрет на зимата кога, како што предупредува генералниот секретар на НАТО Јенс Столенберг, рускиот претседател Путин се обидува да ја користи зимата како воено оружје, принудувајќи ги Украинците да бегаат или да замрзнат до смрт. Поради оваа причина, министрите за надворешни работи ветија помош со гориво и генератори, притоа нагласувајќи дека воената поддршка на Украина е суштинска за нејзината конфронтација со руската агресија! Јовица Пауноски, ТВ21, Букурешт, Романија.
