Американски и ирански претставници соопштија дека постигнале договор за ставање крај на војната и повторно отворање на Ормускиот теснец – прелиминарен договор што доведе до пад на цените на нафтата, но ја остава судбината на нуклеарната програма на Техеран за понатамошни преговори.
Иако сè уште станува збор за рамковен договор, тој e најголем напредок кон решавање на конфликтот што од почетокот на заедничките американско-израелски напади врз Иран во февруари однесе илјадници животи и предизвика потреси на енергетските пазари.
„Договорот со Исламската Република Иран сега е завршен“, напиша американскиот претседател Доналд Трамп на платформата Truth Social. Неговата објава следеше кратко откако пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, чија земја посредуваше во разговорите, објави дека договорот бил постигнат рано во понеделник по локално време.
Меморандумот за разбирање треба официјално да се потпише во петок во Швајцарија. Точните услови засега не се целосно познати. Шариф изјави дека договорот предвидува „итен и траен прекин на воените операции на сите фронтови, вклучително и во Либан“.
Либан беше една од најспорните точки во преговорите, бидејќи Израел и Хезболах продолжија со меѓусебни напади и покрај повиците за прекин.
Во соопштение на секретаријатот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран се наведува дека војната и воените операции на сите фронтови, вклучително и во Либан, трајно ќе престанат од понеделник навечер. Иранскиот заменик-министер за надворешни работи, Казем Гарибабади изјави дека во текот на 60-дневниот прекин на огнот ќе се преговара за поширок договор, кој ќе опфати и олеснување на санкциите против Иран.
Судбината на иранската нуклеарна програма – уште едно чувствително прашање – исто така ќе биде предмет на тие разговори.
Од Израел засега немаше непосредна реакција на објавата, а претходно изјави дека не бил дел од американско-иранските разговори.
Трамп изјави дека Ормускиот теснец – клучна поморска рута за глобалните испораки на нафта и гас, кој со месеци беше практично затворен – ќе биде повторно отворен во петок, и дека наредил да престане американската блокада на иранските пристаништа.
„Бродови на светот, стартувајте ги моторите. Нека тече нафтата!“, напиша Трамп. По веста, цените на нафтата нагло паднаа. Фјучерсите за Брент паднаа за околу 4%, додека азиските берзи забележаа раст.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека остануваат многу нејаснотии – особено околу слободата на пловидба, расчистувањето на морските мини и брзината со која транспортот и енергетските пазари ќе се нормализираат.
