САД не дава гаранции за ЕУ: Агелер е задоволна што Мицкоски е повторно во Вашингтон

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од Вашингтон не може да се очекуваат гаранции за евроинтегративниот пат. Ова го истакна амбасадорката на САД, Анџела Агелер откако претставници на власта нагласија дека треба да се побараат гаранции од Вашингтон и Брисел дека во иднина нема да биде блокиран патот на Македонија кон членство во Унијата.

„Вашингтон не дава гаранции за европскиот пат, зашто ние не сме членки на Европската Унија. Мислам дека тоа се разговори кои треба да се случуваат и се случуваат со високи претставници на Европската Унија“, изјави Анџела Агелер, амбасадорка на САД.

Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски замина за Вашингтон, но неизвесно е со кого ќе зборува и дали на маса ќе биде поставена темата за евроинтеграцијата. Тој таму присуствува на конференција на конзервативни политички партии.

„Премиерот е поканет како претседател на Владата, очекуваме да има дополнителни билатерални средби таму во рамки на присуството во Вашингтон, така што очекувам дополнителни информации во текот на следните денови“, изјави Марија Митева, портпарол на Влада.

„Ова е важен однос и мислам дека фактот што тој беше таму неколку пати откако ја презема функцијата како премиер, како и други министри, зборува за блискоста во односите во повеќе области во кои ние, како САД и Северна Македонија, билатерално соработуваме“, изјави Анџела Агелер, амбасадорка на САД.

Претходно, Мицкоски побара Вашингтон и Брисел да го олеснат процесот на дијалог меѓу Скопје и Софија, но од Бугарија одбиваат да разговараат за промена на условите од францускиот предлог. Од Европската Унија пак, поздравуваат што имало прва официјална средба на шефовите на дипломатиите на двете земји, Тимчо Муцунски и Георг Георгиев и порачаа дека кај нив има желба да помогнат.