САД очекува независно и одговорно судство – Павловска: Ако не постои одлука, значи исто како да не се случил овој скандал

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Судскиот совет кој е највисоко судско тело, си измисли процедура за разрешување која е не законска, а тоа поддршка доби дури од шест членови кои имаат задача да назначуваат и разрешуваат судии. Професорката Ана Павловска Данева синоќа во „10 минути“ на ТВ21 рече дека одлуката е ништовна, бидејќи седницата е водена од заменикот во присуство на претседателот.

Тоа е апсолутно ништовна одлука, значи ја има прво донесено мнозинство кое  е дискутабилно дали го има потребниот број за да биде донесена одлука, донесена е од страна на лице-заменик, односно седницата е водена од лице заменик-претседател на судскиот совет, во присуство на претседател што е недозволиво според законот, бидејќи заменикот може да ги води седниците само во нејзино отсуство и исто така најкрупната повреда, ако воопшто можеме да ги рангираме повредите на законот, се состои во тоа што не е спроведена дисциплинска постапка онака како што пропишува законот за да биде разрешена Дамева од член и претседател на судскиот совет“, вели Ана Павловска Данева.

Професорката Данева додава дека формално-правно гледано, Дамева се уште е претседателка на судскиот совет, бидејќи воопшто не беше објавена одлука за нејзино разрешување. По превирањата, се огласија и од Амбасадата на САД во РСМ од каде уште една потеницраат дека независното и одговорно судство е од суштинско значење за градење на доверба во институциите.

„Амбасадата на САД се надева дека ќе има независно и одговорно судство без разлика кои се неговите раководители. Ова е од суштинско значење за градење доверба во институциите на судството во Македонија“, велат од Амбасада на САД во РСМ.

Судскиот совет во средата на јавна седница неочекувано ја разреши претседателката Весна Дамева. Директен повод за разрешување на Дамева било нејзиното одбивање да стави на дневен ред нова точка и наводното криење на писмото од амбасадорката Агелер.

Инаку според наши информации, во писмото кое е испратено, амбасадорката посочила дека САД досега вложиле над 560 милиони долари за обуки на повеќето судии и обвинители од Македонија.

За разрешувањето на Дамева, но и за општата состојба во судството, реагираа претседателот Стево Пендаровски, Министерството за правда, како и правни експерти.

И претседателката на Врховниот суд Беса Адеми апелираше да се надмине состојбата во Судскиот совет во интерес на граѓаните и на државата.

„Врховниот суд како највисок суд во државата и носител на судската власт истакнува дека во овој клучен период за државата, сите чинители во судството мора да го насочат своето дејствување кон остварување на препораките нотирани во релевантните извештаи за напредокот на Република Северна Македонија, како што се Извештајот на Европската комисија и Извештајот на Стејт департментот. Го охрабруваме Судскиот совет да ја надмине состојбата првенствено во интерес на граѓаните и во таа насока да продолжат напорите за подготовка на Стратегијата за реформи на правосудството, потребните законски измени и примената на европските стандарди, независноста и ефикасноста на судството, борбата против корупцијата, транспарентноста и враќањето на јавната доверба“, порача Беса Адеми.

Дамева, која по гласањето за нејзино разрешување обвини дека „Советот е претворен во анархија“, а одлуката ја оцени како противзаконска и донесена „за да се задоволат одредени поединци од политиката“, вчера произнесувајќи се за предлогот за одлагање на седницата, рече дека се надева оти во наредните денови ќе има доволно време да се види дали ќе се обезбеди потребното мнозинство за да се легализира, како што наведе, нејзиното незаконско разрешување.