Соединетите Американски Држави имаат оружје распоредено во орбитата, за првпат потврди американските Вселенски сили. Станува збор за капацитети што може да се користат и за одбрана и за офанзивни операции.
Според соопштението на Вселенските сили, САД располагаат со оружје за вселенска контрола, способно да ги заштити американските сили од непријателски дејствија на противниците. Американските власти не соопштија детали за видот или бројот на овие оружја.
Русија и Кина – главна закана
Вашингтон ги смета Кина и Русија за двајцата главни ривали кои би можеле да ги загрозат американските интереси во вселената.
Според САД, Кина развива и користи вселенски и противвселенски капацитети во рамки на својата воена модернизација, додека Русија ја смета вселената за потенцијално бојно поле, а надмоќта во вселената за одлучувачки фактор во идните конфликти.
Милитаризацијата на вселената не е нов развој. По лансирањето на советскиот сателит „Спутник“ во 1957 година, САД и Советскиот Сојуз започнаа да истражуваат начини за вооружување и уништување сателити.
Главниот страв во тоа време беше поврзан со распоредување нуклеарно оружје во вселената. Договорот за вселената од 1967 година забрани поставување оружје за масовно уништување во орбитата.
Сепак, оттогаш Русија, САД, Кина и Индија развија начини за водење војна во вселената, вклучително и способност за напади врз сателити, кои се од витално значење за воените комуникации, надзорот и навигацијата.
