САД се вклучува во спорот со Бугарија – Џејмс О’Брајан: Македонија страда во споровите со соседите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Соединетите Американски Држави директно се вклучуваат во спорот меѓу Македонија и Бугарија, но се чека источниот сосед да добие стабилна влада. Помошник-државниот секретар на САД за европски прашања Џејмс О`Брајан изјавил дека Македонија има проблеми со споровите со  соседите, поради што се попречува нејзиното пристапување во Европската унија, но истовремено и постојано се влијае на менување на условите. Тој ова го истакнал на сослушувањето за иднината на Европа пред Комитетот за надворешни работи на Американскиот Сенат. https://www.youtube.com/watch?v=Oq3kO4yaT4E

„Северна Македонија страда поради недоразбирањата со нејзините соседи, поради што постојано се менуваат условите за пристапување. Главното прашање е Договорот што Северна Македонија го има со Бугарија и штом Бугарија има постабилна влада, ќе треба да има разговори за точниот начин на кој да се имплементира. Значи, тоа ќе биде област каде што очекувам и ние да бидеме многу активни“, вели Џејмс ОБрајан.

Во однос на Преспанскиот договор за кој изминатиов период по формирањето на новата Влада предводена од Христијан Мицкоски имаше одредени турбуленции со Грција во однос на употребата на уставното име, О`Брајан истакна дека ќе се работи на одржување на тој договор.

„Дел од нашата дипломатска работа е да подготвиме пат за да се одржи договорот што го има со Грција и мислам дека вашата средба како и другите помогнаа да се задржат работите во овој момент за тоа Грција да стане пријател на патот на Северна Македонија напред, наместо критичар. Исто и со Албанија“, порача Џејмс ОБрајан.

Во однос на употребата на уставното име и почитувањето на Договорот со Грција, премиерот Мицкоски и претседателката Силјановска се изјаснија дека името Северна Македонија ќе го користат во меѓународна употреба, додека името Македонија ќе го применуваат во домашна комуникација. На ова официјална Грција не се согласува бидејќи договорот предвидува ерга омнес односно уставното име да биде и за меѓународна и домашна употреба.