Сали: Има напори за усвојување на Изборниот законик

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Усвојувањето на Изборниот законик од страна на сите политички партии сè уште е во фаза на преговори. По промената во Министерството за правда, се прават напори за усвојување на овој закон, изјави првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, кој денеска одговараше на новинарски прашања поврзани со европската интеграција и реформите во нашата земја.

„Знаете, овој закон беше едногласно прифатен од неколку политички фактори, односно политичките партии кои се дел од Собранието, но во последен момент две политички партии се повлекоа и не ги поддржаа овие измени. По промената во Министерството за правда, сега се прават напори за усвојување на овој закон, но сè уште е во фаза на преговори“, рече Сали.

На прашањето дали се работи и на Кривичниот законик, вицепремиерот Сали одговори потврдно и рече дека и новиот министер за правда е посветен на ова прашање.

„Новиот министер е посветен и на Кривичниот законик, така што верувам дека ова се закони за кои е потребен консензус и поширока поддршка од повеќе нивоа. Министерот работи и се надевам дека ќе има успех во остварувањето на крајната цел“, истакна Сали пред почетокот на меѓурегионалната средба на главните преговарачи и надлежните претставници за европска интеграција од земјите од Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија, како и од Европската комисија и меѓународните партнери.