Европската унија ја нагласува потребата од продлабочување на соработката и потврдување на стратешкото партнерство меѓу Унијата со Западен Балкан. Ова се наведува во Декларацијата од заедничкиот самит ЕУ – Западен Балкан, а во која беше потенцирано дека иднината на регионов е во Европската унија и дека проширувањето е можност кој треба да се искористи. Во неа се истакнува и потребата од исполнување на обврските на земјава.
„Инклузивната регионална соработка, помирувањето и добрососедските односи остануваат клучни за градење заедничка иднина, како и за спроведување на меѓународните договори со добра волја и со опипливи резултати, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија“.
На Самитот на ЕУ порака дојде и од претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта кој порача дека Македонија знае што треба да направи.
„Во однос на Северна Македонија ги поздравуваме чекорите за зајакнување на регионалната поврзаност и се надеваме на вистински напредок во 2026 година. Нивните власти знаат што треба да направат“, изјави Кошта.

Премиерот Мицкоски, пак, кој присуствуваше на Самитот изјави дека Владата ги презема сите реформи за влез во Европската унија и дека заслуживме членство многу одамна, но поради вештачки причини се уште не можеме да бидеме дел од Европската унија.
„Како држава и како Влада се обврзуваме да го испорачаме сето она кое што е потребно во овој процес, не поради самиот процес, туку пред се поради македонските граѓани, бидејќи тие тоа го заслужуваат. Така работиме до сега, така ќе продолжиме и понатаму и очекуваме дека билатералните прашања нема да бидат наша пречка туку напротив очекуваме од нашите соседи поддршка во оваа наша амбиција да бидеме дел од Европската унија и она кое што е најважно да бидеме оценувани според постигнувањето а не според билатералните прашања“, изјави Мицкоски.

Бугарскиот премиер Росен Жељасков пак истакна дека Бугарија нема нерешени проблеми со Македонија. Тој истакна дека секоја земја членка треба да биде оценувана според својот напредок, но дека кај Македонија гледа двоумење.
„Позицијата секогаш била принципиелна. Ние нерешени двострани прашања со Република Северна Македонија немаме. Ние не водиме никакви спорови со Република Северна Македонија за прашања кои се сврзани со таканаречениот компромис од јули месец 2022 година, тоа е веќе заедничка европска позиција. Оценката за напредокот за отворање на Кластер 1 кој е поврзан со преговарачката рамка покажува одредено двоумење од страна на колегите во Скопје, но тоа не е прашање за кое ние даваме свое мислење или став.“, изјави Росен Жељазков.

На самитот ЕУ – Западен Балкан главна порака е дека земјите од Западен Балкан треба да бидат дел од Европската унија и дека некои земји веќе забрзано работат на тоа.
