Анкетниот лист на новоизбраната претседателка на Судскиот совет Павлина Црвенковска ќе биде предмет на разгледување на Антикорупциската комисија. Ова за ТВ21 го изјави претседателката на Комисијата Билјана Ивановска која вели дека предметот го отвориле по допрен глас од медиумите.
„Во функција на утврдување на фактичката состојба Државната комисија за спречување на корупција по допрен глас од медиумите отвори предмет за утврдување, односно проверка на имотната состојба на претседателката на Судскиот совет и на нејзините блиски лица, согласно Законот за спречување на корупција и судир на интереси. Тоа ќе значи дека во натамошниот период ние ќе ги побараме сите документи со кои ќе утврдиме дали таа вистинито ги пријавиле сите имоти што ги поседува таа и нејзиното семејство во Анкетниот лист“, вели Ивановска.
Во Анкетниот лист Црвенковска пријавила дека поседува станбена површина од 20 метри квадратни, односно дел од стан кој го добила од наследство, во вредност од околу 20 илјади евра. Како заеднички имот со сопругот има наведено дека поседува накит во вредност од околу 6 илјади евра и уметнички предмети од околу 10 илјади евра. На име на сопругот е наведено дека поседува глисер со вредност од околу 16 илјади евра, камп приколка 12 илјади евра, и автомобил марка Матиз со вредност од околу 1.100 евра. Но на овој Анкетен лист ја нема ниту фирмата ниту кредитот.
„Обработката на предметот подразбира проверка на сите видови имоти, движен, недвижен, финансиска состојба на сметките, значи вкупниот или целосниот имот што е прикажан ќе се провери дали е прикажан на точен и вистинит начин. Сме направиле службена белешка, што означува почеток на процесот за проверка на имотната состојба, понатаму следува барање на соодветните документи и така натаму.“, рече Ивановска.
Веднаш по нејзиниот избор здружението оштетени штедачи обелоденија дека сопругот на Црвенковска на име на неговата фирма Екопласт Рисајклинг зел кредит од Еуростандард банка во висина од 1,6 милиони евра, но дека повеќе од две години не враќал рати. Таа тогаш веднаш се јави со реакција во која запраша зошто овој кредит се изнесува во јавност сега, кога, како што наведе, случајот со банката бил од пред една година. Антикорупциска отвора предмет за новоизбраната претседателка на Судскиот совет Црвенковска само два дена по нејзиниот избор.
