22 садници, за 22 загинати на работното место. На овој начин Здружението за заштита при работа го одбележа Меѓународниот ден за безбедност и здравје при работа.
Во текот на 2022година, на работно место животот го загубиле вкупно 22 лица, а се случиле 169 несреќи. Според Здружението за заштита при работа оваа бројката не е реална бидејќи само во 2020 г. имало околу 1500 случаи на повреди на работно место. Велат дека најголем „убиец“ е земјоделството. Се жалат дека нема соодветни анализи за несреќите и повредените на работно место, но се обидуваат овие податоци да ги акумулираат од медиумите и граѓаните.
Претставникот на Пан-европскиот регионалниот комитет (ПЕРК), Антон Лепик, побара на секое работно место да се почитуваат меѓународните стандарди на здравјето и безбедноста, бидејќи, како што вели, статистиките за смртноста и повредените на работно место е загрижувачки.
„Сум слушнал дека во Македонија 22 колеги починале на работно место поради несреќи. На светско ниво според статистиките повеќе од 3 милиони работници годишно умираат на работно место и повеќе од 10 милиони лица умираат од професионални болести. Ова е причината поради која е многу важно на меѓународно ниво да ги прифатиме безбедносните и здравствените стандарди при работа и тоа да се почитува насекаде“, вели Антон Лепик.
На настанот „Безбедност и здравје при работа од мали нозе – чекор по чекор“ беа доделени грантови и признанија на правни и граѓански организации кои најдобро ги почитувале и практикувале правата и обврските на работниците за заштита при работа. Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска рече дека компаниите кои ги почитуваат овие стандарди имаат попродуктивни работници, а најави дека се подготвува нов закон со кој безбедноста и здравјето на работниците ќе бидат вклучени во образовниот процес.
Според министерката Тренчевска и на работниците кои ќе бидат ангажирани во изградбата на автопатите од коридорот 8 и 10Д, ќе им биде понудена максимална безбедност при работа, а за секој час прекувремена работа ќе добијат дополнителни пари.
