Мивидет Уска живее под кирија со нејзините две деца, петгодишниот Јасин и четиригодишната Раја. Невработена е а месечните трошоци ги покрива со помош на хуманите луѓе. Вели дека често се обвинува себеси бидејќи не може да им ги исполни желбите на нејзините деца но ниту основните потреби.
„Многу се обвинувам себеси. Велам не можам да им ги исполнам желбите. Нема полошо чувство за една мајка. Синот оди во џамија и кога се враќа ми вели – мамо се молев за тебе, вели јас сум мажот на куќата. Вели јас сум сега мажот на куќата, ми вели мамо немој да бидеш тажна ме имаш мене. Нормално дека се грижам кога да го слушам ова од пет годишно дете“, вели Мивидет Уска.
Таа нема постојана работа бидејќи нема кој да се грижи за нејзините деца. Не добива никаква помош од државата, ниту од роднините а ниту од таткото на децата од кого е разведена. Кога има можност оди да чисти станови, или било каква друга работа. Но тоа не е доволно да ги плати сметките и киријата, а камоли да обезбеди кров над глава за децата.
„Би сакала да имам една соба, една соба, да биде моја, да не плаќам кирија. Потоа и да работам би било доволно, а вака и да работам цел ден со една плата не можам да постигнам. Има многу трошоци. И ние да имаме еден кров над глава како сите, да не се грижиме за киријата“, вели Мивидет Уска.
И на Јасин му тежи на душата најголемата грижа на неговата мајка-плаќањето на киријата и сметките. Една од неговите најголеми желби е да имаат кров над глава само да не плаќаат кирија. Тој од мајка му не бара ништо да му купи бидејќи и тој цело време мисли на киријата што треба да се плати.
„Сакам да купам за јадење. Сакам да купиме еден стан за да немаме кирија… сите мои пријатели имаат убави работи. Кога ми кажува мама да не купам нешто, јас ја слушам…“, вели Јасин Уска.
Се поздравивме со ова семејство со надеж дека хуманите луѓе ќе му помогнат и при нашата следна средба ќе не пречекаат во свој дом каде нема веќе да живеат со грижата за кирија.
Контакт: 070-858-816
Билјана Николовска/Садике Х. Бељули