Санкции за непочитување на мерките – мора да има одговорно однесување на сите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Еден ден по воведувањето на вонредната состојба премиерот Оливер Спасовски ги повика граѓаните на одговорно однесување за спречување на ширење на корона вирусот. Тој рече дека засега нема драстично ограничување на движењето на луѓето од она што е досега препорака.

„Нема одлуки за нови рестрикции во движењето и извршувањето на професионалните обврски на граѓаните. Исклучок од ова сега за сега се само подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа“, вели Оливер Спасовски.

Сепак Спасовски рече дека најголеми прекршители на препораките се граѓаните кои не ги почитуваат мерките и се собираат во поголеми групи, како и рестораните, а особен проблем претставуваат оние кои треба да бидат во изолација.

„Знаете дека веќе работат инспекциските служби, имаме дури и приведувања и кривични гонења на одредени сопственици на угостителски објекти кои што работат и покрај забраните да работат. Исто така еден од проблемите е и самоизолацијата, оние кои што доаѓаат од надвор и имаат потреба да се самоизолираат. Веќе се преземаат најстроги санкции од Министерството за внатрешни работи“, додава Спасовски.

Министерката за правда Рената Дескоска рече дека самото прогласување вонредна состојба не значи автоматска промена или ограничување на човековите права, но додава дека постои уставна можност за ограничување на правата и слободите доколку за тоа има потреба. Таа порача дека доколку граѓаните се придржуваат до мерките толку побргу ќе се надмине кризата со корона вирусот.

„Носењето одлука за вонредна состојба беше потребно пред се да добиеме можност за ефикасно и брзо регулирање на одредени прашања кои треба да помогнат за полесно да се надмине и да се справиме поефикасно со епидемијата и да се заштити јавното здравје но исто така и да се помогне на економскиот живот во државата“, посочи Рената Дескоска.

Вонредната состојба од 30 дена беше воведена вчера на предлог на Владата, а официјално ја потврди шефот на државата Стево Пендаровски.