Кувајт соопшти дека Саудиска Арабија ги отвора своите копнени и морски граници кон Катар по долготрајниот спор околу кој Катар се судри со неколку свои соседи во Заливот.
Овој потег се случи пред самитот на Советот за соработка во Заливот што ќе се одржи денес во Саудиска Арабија, објави Би-Би-Си.
Лидерите на арапските земји веќе пристигнаа на 41-от самит, а за прв пат по три години ги предводеше емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад ал-Тани. Првиот човек на Катар во историски значајниот град Ал-Ула беше срдечно пречекан од саудискиот владетел и престолонаследник Мохамед бин Салман.
Висок американски функционер изјави дека ќе биде потпишан договор за ставање крај на конфликтот.
Соседите на Катар воведоа ембарго врз Катар пред три и пол години обвинувајќи ги за поддршка на тероризам.
ОАЕ, Бахреин и Египет им се придружија на Саудијците во воведувањето дипломатско, трговско и патничко ембарго.
Катар, мала, но исклучително богата држава од Персискиот залив, отсекогаш негираше дека го поддржува тероризмот.
Потребни беа месеци на стрплива и макотрпна дипломатија за да се укине ембаргото кон Катар, главно од Кувајт, но со растечката посветеност на Белата куќа, кога се ближи крајот на мандатот на претседателот Доналд Трамп.
Три и полгодишната блокада неверојатно скапо ја чинеше катарската економија и поимот единство на Заливот. Катарците сигурно нема наскоро да простат или да го заборават она што го сметаат за „прободување нож во грбот“ од нивните соседи во Заливот.
