По повод 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје од фашистичката окупација, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, оддаде почит пред споменикот на ослободителите на Скопје и споменикот на генерал Михајло Апостолски.
„Секое име врежано на спомениците носи приказна за еден живот, една младост, еден сон прекинат за да можат да живеат соништата на генерациите по нив. Нивната жртва засекогаш е вградена во темелите на слободно Скопје. Наша должност е да ја чуваме од заборав и да ги учиме нашите деца колку скапо е платено правото да живеат слободно. Антифашистичката борба ни остави завет да стоиме исправени пред неправдата, да го браниме човечкото достоинство и да ја чуваме силата на заедништвото. Тоа е духот на Скопје. Градот што и во најтешките мигови знаел да се издигне, да подаде рака и да покаже дека солидарноста е посилна од секоја поделба“, рече Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека денес наша обврска е тој завет да се преточи во дела и да создаваме град на ред, чистота и сигурност.
„Нашите ослободители го исполнија својот завет со храброст и со жртва. Нашиот мора да го исполниме со одговорност и со дела. Да бидеме достојни за слободата што ни ја оставија. Да изградиме Скопје достојно за генерациите што доаѓаат“, порача Ѓорѓиевски.
