Савески: Непрофесионално е да кажам дали се согласувам со сите обвиненија!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Државниот јавен обвинител Ненад Савески смета дека од неговата позиција не е професионално јавно да коментира дали се согласува со обвиненијата во конкретни судски предмети. Тој објаснува дека таквите изјави би можеле да бидат протолкувани како обид за влијание врз постапките или притисок врз обвинителите и судот.

Ова Савески го истакнува во ексклузивното интервју за емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.

Запрашан дали има предмети во кои не се согласувал со обвиненијата поднесени од обвинителите, Савески одговори дека би било непрофесионално од него да изнесува таков став јавно, имајќи ја предвид функцијата што ја извршува.

Тој посочи дека, за разлика од новинарите, како државен јавен обвинител мора да ја ограничи слободата на изразување во рамките на професионалните стандарди и одговорноста што ја носи функцијата.

Според него, доколку јавно коментира конкретни обвиненија, тоа би можело да создаде впечаток дека се обидува да наметне сопствен став или да изврши притисок, а во иднина и неговите одлуки би можеле да бидат толкувани низ таква призма.

Савески нагласи дека обвинителите, вклучително и тој самиот, мора да се водат исклучиво од законот и доказите, а своите обвиненија да ги докажуваат пред судот.

Тој порача дека борбата против криминалот треба да се води преку откривање на кривичните дела, собирање докази и нивно презентирање пред судските институции, со цел да биде задоволена правдата и сторителите да бидат казнети.