Савески за случајот со мазутот: Постапката се одвива согласно законот, предвиден е систем на контрола

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Постапувањето во предметот за набавката на мазут се одвива во рамките на законски предвидените механизми за контрола во Јавното обвинителство. Ова го истакнува државниот јавен обвинител Ненад Савески во ексклузивното интервју за емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.

Осврнувајќи се на текот на случајот, Савески појаснува дека откако предметната обвинителка оценила дека нема доволно докази за продолжување на постапката, Вишото јавно обвинителство реагирало и го вратило предметот за да се спроведат дополнителни вештачења.

Според него, ваквиот тек на настаните не претставува ништо незаконско, туку е дел од системот на хиерархија и контрола во јавнообвинителскиот систем.

Савески објаснува дека законот предвидува повисокиот јавен обвинител да постапува по правните средства, односно по приговори или жалби поднесени од странките кои не се задоволни од одлуката на првостепениот јавен обвинител.

Со тоа, како што посочува, се овозможува контрола врз одлуките и проверка на постапувањето во рамките на обвинителскиот систем.