Главниот обвинител Ненад Савески ги отфрли тврдењата дека судовите носат одлуки под притисок или влијание на Јавното обвинителство, нагласувајќи дека пресудите се засноваат на законите и доказите. Коментирајќи ги случаите „Ласкарци“ и Стевчо Јакимовски, Савески појасни дека Врховниот суд не ги оценувал обвиненијата, туку законитоста на одлуките на судовите од прв и втор степен.
-Не можам да го прифатам и апсолутно сметам дека е погрешен впечатокот дека судовите ги носат одлуките под притисок, под влијание или во служба на Јавното обвинителство. Пресудите се донесуваат во име на граѓаните на Република Северна Македонија, врз основа на примената на законите и доказите што се содржани во тие предмети, вели главниот обвинител, Ненад Савески.
Прашање: Во однос на обвиненијата за овие два предмета или можеби гледате проблем во пресудите и постапките?
Савески: Одлуките на повисоките судови се однесуваат на одлуките на пониските судови, затоа Врховниот суд не ги оценувал обвиненијата, туку одлуките на судот од втор степен и од прв степен.
