СДСМ бара Мицкоски да го смени Гаши, Левица поднесе интерпелација во 7 точки за собранискиот спикер

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СДСМ директно го повика премиерот Христијан Мицкоски да го смени претседателот на Собранието Африм Гаши, а Обвинителството да поведе постапка за случајот со претседателката на Косово Вјоса Османи на аеродромот во Скопје за што Гаши прекршувајќи ги своите надлежности го испрати сопственото обезбедување. Од СДСМ велат дека е неприфатливо да се бара одговорност само од извршителот, но не и од нарачателот, и му порачаа на Мицкоски наместо да се нуди да биде ескорт на ВИП личности да обезбеди почитување на правото.

„Според извештајот на МВР, стои дека пријавениот С.С. бил испратен на Меѓународен аеродром Скопје од страна на претседателот на Собранието и дека санкциите кон обезбедувачот и другите вработени во МВР, дел од обезбедувањето на Гаши се поради извршување незаконска наредба. Бараме итно Мицкоски да го смени Гаши од претседател на Собранието за што СДСМ ќе му даде поддршка. Го повикуваме Обвинителството да покрене постапка, а Мицкоски да излезе во јавноста и да побара од Гаши политичка одговорност.“, изјави Богданка Кузеска од СДСМ.

Од Левица пак за собранискиот спикер Гаши поднесоа интерпелација, од каде велат дека основа за тоа има во 7-те точки во кое се наведува и случајот со обезбедувањето за инцидентот со Вјоса Османи. Барањето за одговорност, очекуваат да биде ставена на првата наредна седница.

„Втората основа по која што ја поднесуваме интерпелацијата е повреда на дипломатските правила за обезбедување ВИП личности, тоа е актуелниот случај кога шефот на обезбедувањето на спикерот на македонското Собрание учествуваше во, практично дипломатски скандал на Меѓународниот аеродром во Скопје и спикерот Гаши јавно призна дека лично ја дал наредбата за негова интервенција во недозволена ареа“, рече Апасиев.

За овој случај од коалицијата ВРЕДИ велат дека се додека не е разјаснето од МВР за тоа што точно се случувало не сакаа да коментираат за испраќањето на обезбедувањето од страна на Гаши.

„Испраќањето е со цел да се смири ситуацијата таму, но што се случило таму, не знаеме. Јас не знам. Мислам дека нема прекршување на ингеренции да се прати екипа која што ќе смири ситуација која што се случила на аеродромот“, рече Беким Сали од ВРЕДИ.

Вчера премиерот Мицкоски запрашан за тоа дали ќе побара одговорност од Гаши, рече дека за тоа има надлежни институции кои што ќе го расветлат случајот и доколку институциите констатираат дека има кривично дело тогаш со сигурност ќе има одговорност. Само еден час потоа беше поднесена кривична пријава за шефот на обезбедувањето на Гаши.