СДСМ обвини за сериозни пропусти во системот за заштита на граѓаните, посочувајќи дека најновиот случај на врсничко насилство во главниот град е доказ за нефункционалност на институциите. На прес-конференција, Симона Цветаноски оцени дека државата се соочува со алармантна состојба во која, како што рече, „нема систем, туку само жртви“.
Од партијата сметаат дека одговорноста за состојбите во безбедносниот сектор е кај министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обвинувајќи го за несоодветна превенција и постапување. Според СДСМ, во изминатиот период насилството станало секојдневие, при што како особено загрижувачки се наведуваат случаи на злоупотреба на малолетници и семејно насилство со трагични последици.
Партијата посочи и на неколку тешки кривични случаи од изминатиот период, тврдејќи дека институциите не реагирале соодветно и покрај претходни пријави. Воедно, беа изнесени обвинувања и за недоволна контрола на безбедносните служби, вклучително и во случаи поврзани со организиран криминал.
Од СДСМ оценија дека довербата на граѓаните во институциите е сериозно нарушена и побараа политичка одговорност. „Граѓаните заслужуваат безбедност и функционални институции“, порача Цветаноски, додавајќи дека оставката на министерот е неопходен чекор.
Од Министерството за внатрешни работи засега нема официјална реакција на овие обвинувања.
