СДСМ бара оставка од Тошковски – „Скопје како див запад, вчера беше рането 19 годишно момче“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Додека 19 годишникот се движел по улицата „Цветан Димов“, од возило „Пасат“ со кумановски регистарски ознаки, едно лице излегло и отворило оган. По пукањето се вратил во возилото и се упатил во непознат правец.

„Утврдено е дека повреденото лице е А.Б. (19) од Скопје, кој во службен разговор со полициските службеници појаснил дека додека се движел пеш по ул. „Цветан Димов“, од возило излегол Б.Б. и пукал кон него со пиштол неколку пати. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, вели Гоце Андреевски.

Од опозициската СДСМ велат дека пукање има на секој чекор и бараат оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

„Ова е втор пат за 1 месец млад човек да биде жртва, во септември исто така од пукање беше повредено уште едно младо момче. Состојбата со безбедноста на улиците е алармантно влошена. Тоа е учинокот на Владата на Мицкоски во изминатите 100 дена. Со Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ улиците станаа Див Запад, пукање има речиси секој ден, на секој чекор. Криминалните пресметки се во голем пораст, наместо ред и поредок се случува хаос“, вели Богданка Кузеска.

Одговори Тошковски:

„Разочаран сум од некрофилските обиди на СДСМ за манипулација на народот со обвинување за наводната неспособност на МВР во овие 100 дена и сметам дека истите се само очаен обид да го свртат вниманието од седумгодишниот хаос и уништувањето на безбедносниот систем што тие го оставија зад себе. Тврдењето дека за време на моето раководење со МВР е расчистен само еден случај е целосно лажно и манипулативно“, порача Панче Тошковски.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека „престрелките на разулавените банди низ Скопје се директно масло на СДС со скопското подземје и завојуваните групи“.

„Престрелките на разулавените банди низ Скопје е директно масло на односите на СДС со скопското подземје и завојуваните групи чија моќ во време на СДС порасна а бизнисите цветаа. СДС од бандите во Скопје направи тајкуни плаќајќи долг за изборите од 2016та година кога истите тие бандити беа главни во штабовите на СДС низ Скопје“, вели ВМРО-ДПМНЕ.

Повреденото момче со повреди од огнено оружје, задржано е во ГОБ „Св. Наум Охридски“. Според официјалните бројки на МВР, во 2023 година имало 23 убиства од кои 2 нерасветлени, додека во 2024 година до месец октомври има 16 убиства, од кои исто така само 2 се нерасветлени.