СДСМ бара оставка од Тошковски: Станува збор за добро оранизирана работа од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска денеска на прес конференција најави дека ќе ги објавиме сите информации кои пристигнале до СДСМ, односно целата вистина за пуштањето на Артан Груби.

„СДСМ отворено се сомнева дека бегството на Груби не е никаков пропуст, туку станува збор за добро оранизирана работа од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со Тошковски на чело да се пушти Груби да избега.

Според изјава на министерот Тошковски кривичната пријава против Артан Груби е поднесена на 13-ти декември.  За неполни два дена потоа Груби слободно го поминува граничниот премин Блаце, односно на 15 ти декември.

Ова значи дека Груби навреме добил дојава од внатре, од самото МВР со кое управува Тошковски.

Иако била поставена полициска контрола на кружниот тек, полицајците немале никаква информација ниту кого треба да очекуваат, ниту со какво возило.  

Ова е прв сомнеж и јасен индикатор дека намерата не била да се спречи бегството туку да биде параван за де факто неговото пуштање надвор од државата.

Потсетуваме дека Груби цело време додека е во земјава и додека ова се случува има лично полициско обезбедување кое е исто така под целосна надлежност на Тошковски.

Понатаму, на граничниот премин Блаце, Груби слободно ја минува границата, иако внимавајте бил ставен на стоп листата. Си го дал пасошот и слободно си поминал.

Тоа покажува дека не е направена проверка во системот на граничниот премин.  Ова е секако уште еден индикатор дека кој ја поткрепува тезата за договорено пуштање.

Прашањето не е како е можно туку кој го дозволил тоа на граничниот премин Блаце?

И тука доаѓаме до клучниот момент. Службеникот којшто е поставен за контрола на граничниот премин, полицаецот Б.Ј  е поставен на таа позиција директно од Тошковски.

Тој претходно извршува друга работна задача неповрзано со контролата на граничните премини.

Последната информација која ја добивме и денеска ја објавуваме е дека полицаецот Б.Ј. добил преместување на граничниот премин Блаце од полициската станица во Чашка  по барање на Тошковски и тоа пред само неколку недели на 24.11.2024.

Дали овој човек е донесен на Блаце токму со умисла да спроведе нешто што е потребно за Тошковски?

Спроед информациите, овој службеник во минатото бил често промовиран и преместуван токму од страна на ВМРО-ДПМНЕ а истиот има историја на прекршоци на работното место.

Прашањето е дали тој е всушност човекот кој е задолжен за извршување на вакви дела за потребите на ВМРО-ДПМНЕ?

Ова е буквално истата шема при бегството на Блерим Рамадани за којшто предупредувавме.

Косовската граница е решето, отворена за бегање на криминалци и терорости а тоа се случува само поради целосната партизација којашто ја спроведе Тошковски.

Ова се фактите, ова е вистината за бегството или поточно пуштањето на Артан Груби слободно да си замине од земјава.

Министре Тошковски, станува збор за голем скандал и вие сте најповикани, треба да излезете и да си поднесете оставка“, вели Кузеска.