СДСМ го обвинува ВМРО-ДПМНЕ за партизација: Се враќа „Сваровски судството“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Наместо независни институции, ВМРО-ДПМНЕ се обидува целосно да го партизира судството, обвинува опозициската СДСМ. Како што изјави портпаролката на оваа партија Богданка Кузеска, за член на Судскиот совет назначена е сопруга на градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ.

„Сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ е назначена за член на Судскиот совет. Тоа е уште една потврда дека целта на власта е потполна контрола врз судството и ништо друго. Наместо независни институции кои ќе судат по словото на законот, се враќа „Сваровски судство“ кое ќе биде продолжена рака на Мицкоски и неговата партија“, изјави Кузеска.

Како што велат од СДСМ, со месеци предупредувале дека ова не е изолиран случај, туку јасна стратегија на премиерот Христијан Мицкоски и неговата партија, судиите да бидат само пиони кои ќе носат одлуки според партиски директиви.

Со реакција се јавија од владејачката партија. Според нив, СДСМ нема кредибилитет да зборува за независно судство, бидејќи како што велат, заедно со ДУИ биле синоним за партизација и окупирање на институциите.

„Тоа го покажа и последниот случај на црната листа на Стејт департмернот, каде се најдоа поранешниот вицепремиер во владата на СДС и ДУИ, Артан Груби и судијата Енвер Беџети за директно мешање и влијание во судски процеси и одлуки. Стратешкиот партнер САД обезбеди докази дека Артан Груби земал мито за да влијае врз судска одлука. Претходно судиите Наќе Ѓоргиев и Иџет Мемети, блиски до СДС и ДУИ, исто така признаа дека земале поткуп за да влијаат врз судски предмети“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека работат на целосна трансформација, професионализација и независност на правосудните органи, кои ќе донесат правда за сите во Македонија.