СДСМ и ДУИ се уште размислуваат за измени во Законот за локална самоуправа, власта има 78 гласови, но им требаат најмалку 80

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се уште не се знае дали во Аеродром, Гостивар и Сарај наскоро ќе се излезе на нови избори за градоначалник. Според информациите на ТВ21, измените во Законот за локална самоуправа ќе го почекаат гласањето на Влада во Собранието. Утринава се состанале координаторите на пратеничките групи за да разговараат за текстот на измените за кои е потребно двотретинско мнозинство, но СДСМ и ДУИ не се произнеле со став. Засега предлагачите од коалицијата „Вреди“ ќе почекаат да се изјаснат и двете партии пред и официјално да го внесат предлогот во собраниска процедура. Од коалицијата „Вреди“ бараат наследниците на градоначалниците Тимчо Муцунски, Арбен Таравари и Блерим Беџети да се бираат во општинските совети како в.д. градоначалници.

„Немам точна информација околу предложените измени, но знам дека постои согласност да не се оди на избори во Гостивар, Сарај и Аеродром поради трошоците, кратките рокови и поради тоа што кога има избори се блокираат институциите.“, рече Ибраими.

Претходно и мандаторот Христијан Мицкоски апелираше сите пратеници заеднички и безусловно да ги гласаат измените во Законот за локална самоуправа.

„Тие избори во неколку општини би чинеле можеби милион евра, пари со коишто можеме да направиме некој булевар, некоја нова градинка, да реновираме некое училиште, наместо со нашите политички игри да ги малтретираме граѓаните сега ноември-декември еднаш, па догодина септември-октомври уште еднаш.“, изјави Мицкоски.

Муцунски и Таравари се селат во министерски фотелји, додека пак Беџити ќе ја продолжи политичката кариера како пратеник. Намерата на „Вреди“ да се избегнат предвремени локални избори може дополнително да се усложни, ако правните тимови на партиите утврдат дека е потребна и измена на Изборниот законик за ова да се случи.