СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ излегоа со различни соопштенија во врска со средствата од Европската унија и спроведувањето на реформската агенда во Македонија.
Од СДСМ велат дека Европската комисија ослободила 65,7 милиони евра за спроведени реформи во земјата, додека, како што наведуваат, вкупната сума што требало да се повлече само за периодот јуни 2025 – декември 2025 изнесувала 134,87 милиони евра. Според нив, дополнителни 65 милиони евра остануваат неповлечени поради нереализирани реформи од претходниот период.
„Над 200 милиони евра изгубени поради ‘реформите’ на Мицкоски кои се само на збор. Уште 10 дена до 1 јуни, рокот што самиот го постави Мицкоски. Граѓаните плаќаат цената за неговите лаги. Реформи сега. Европа сега“, велат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираат дека во изнесените ставови на СДСМ има противречности околу тоа дали средствата се поврзани со спроведени или неспроведени реформи.
„Монти Пајтон СДС – сме добиле финансиски средства од ЕУ за Реформската агенда затоа што сме спровеле реформи, а велат дека не сме спровеле реформи“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека ставовите на СДСМ се контрадикторни.
Владејачката партија укажува дека во соопштението на опозицијата се вели дека Србија не добила средства од ЕУ за Планот за раст поради, како што наведуваат, неспроведени реформи, додека од друга страна, за Македонија опозицијата тврди дека нема целосно спроведени реформи, а сепак се ослободени најмногу средства од цел Западен Балкан во висина од над 66 милиони евра.
„Сега, СДС нека се договори – дали парите кои се ослободени од ЕУ за Македонија во делот на Реформската агенда се поради спроведување на реформите или не спроведување на реформите?“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
