СДСМ ќе се повлече од ИЗ, ако се укине Пржинска влада – Митева: Ова е политички незрел потег

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на СДСМ Венко Филипче со ултиматум до власта да се откаже од укинувањето на Пржинската влада, во спротивно најави дека тие ќе се повлечат од работната група за подготовка на Изборниот законик. Тој ова го порача откако за денеска беше најавена седницата на која по скратена постапка требаше да се укине техничката влада. Според него власта спроведува автократско владеење што е директен удар врз демократијата. Ова се прави набрзина бидејќи наскоро ќе снема пари во буџетот по што ќе има предвремени избори, рече Филипче.

-Доколку денеска овој закон помине на Комисија и власта продолжи да ја тера собраниската процедура нашата пратеничка група се повлекува од работната група за работа на Изборниот закон. Овој закон за Влада и укинувањето на Пржинската влада мора власта да го повлече. Вакви автократски манири не се дозволени и нема да прифатиме, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Од Владата го осудуваат ваквиот потег на СДСМ бидејќи, како што велат истата таа партија во минатото бараше укинување на техничката влада.

-Ова е само уште еден политички незрел маневар и ценам дека постапувањето на ваков начин не носи ништо добро во интерес на граѓаните. Институциите мора да бидат демократски, оваа Влада тоа го покажа дека имаме демократизација дека навистина можеме и знаеме како да ги водиме институциите и треба да ги напуштиме моделите кои што биле во минатото, изјави Марија Митева, портпарол на Влада.

Техничката влада е решение од Пржинскиот договор во 2015 година, за излез од тогашната политичка криза во земјата. Со него се предвидува 100 дена пред изборите да се формира техничка влада во која во одредени министерства влегуваат кадри од опозицијата со цел да се обезбедат фер и демократски избори.