СДСМ: Муцунски лаже а потоа се заканува со апсење, ВМРО-ДПМНЕ: Се обидоа да произведат „изјава“ што Муцунски никогаш не ја дал

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Опозициската и владејачката партија разменија меѓусебни обвинувања, по вчерашните изјави на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, поврзани со разговорите со ЕУ за одблокирање на преговорите на земјата за членство во Унијата, дадени во гостување на министерот Муцунски на ТВ Сител.

„Тимчо Муцунски денеска тврди: „Тајни разговори или ‘разговори под радарот’ нема. Никогаш не сум кажал такво нешто и тоа лесно може да се провери.“ Лесно се проверува. На 3 август 2026 година, повеќе медиуми објавија негови изјави: „Има разговори „под радарот“ за деблокада на ЕУ-интеграциите“; „Се водат разговори „под радарот“ за деблокирање на европскиот пат“; „Се водат разговори „под радарот“ за деблокирање на Македонија“. Три наслови. Три медиуми. Иста изјава. Денес вели дека никогаш не го кажал. Во исто време, Муцунски се заканува со апсење на опозицијата за „ширење паника““, се вели во соопштението на СДСМ.

Реагираа од владејачката партија, од каде велат дека СДСМ денес повторно се обидел да произведе „изјава“ што министерот Муцунски никогаш не ја дал.

„Тврдат дека рекол дека разговорите се водат „под радарот“. Има само еден мал проблем: таква изјава нема. Затоа, наместо уште едно долго соопштение, имаме едноставен предизвик за СДС: Објавете ја снимката. Не медиумски наслов. Не партиска интерпретација. Не туѓо прераскажување. Снимката. Ако не можете да ја најдете, причината е прилично едноставна: не можете да најдете нешто што никогаш не постоело. Очекуваме Венко Филипче да објасни како СДС успеа од туѓи наслови да произведе туѓи зборови и потоа да ги претстави како факт. Во демократијата имаме право на сопствено мислење. Немаме право на сопствени факти. А кога една опозиција ќе почне да измислува цитати затоа што нема аргументи, проблемот одамна веќе не е „под радарот“. Сите го гледаат.“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.