Бизнисите во Македонија плаќаат и до 100% поскапа струја во однос на земјите од регионот, обвинија денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„И непобитен факт е дека Македонија со години е во криза. А сите кризи се резултат на неспособноста на оваа власт на СДСМ. Поради нивните тендери во четири очи и поради тоа што со покачувањето на цената на електричната енергија СДСМ овозможува само личен екстра профит.“, вели Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ велат дека пред Македонија и целиот свет е тешка зима, најтешка по втората светска војна.
„Со навремени и ефикасни политики Владата предводена од СДСМ ја одржува стабилноста на домашната економија, енергетскиот сектор, производството на струја и силно ја субвенционира цената на струјата за граѓаните. Обврска на државата е да се заштитат граѓаните и домашниот буџет. Затоа домаќинствата за сметките на струја плаќаат 20 отсто, а 80 отсто се субвенционира цената од страна на државата“, рече Мартин Костовски од СДСМ.
Владата донесе одлука за прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор. За тоа какви мерки ќе се преземат да му се помогне на стопанството дополнително ќе се одлучува. Од први септември во сила стапуваат две владини одлуки, а тоа се кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија во Град Скопје. Од први септември кога кризната состојба ќе стапи во сила, треба да почнат важат и последните донесени владини мерки за штедење струја. За јавните институции тие ќе бидат задолжителни, а за домаќинствата и за приватните компании, се во вид на препораки.
