Од СДСМ на прес-конференција обвинија дека тендерот за 150 електрични автобуси пропаднал поради корупција. Според нив, иако критериумот бил најниска цена, на крајот била избрана поскапа понуда, со што државата би била оштетена за околу 12 милиони евра. Од партијата наведуваат и дека имало претходни предупредувања за постоење поевтина понуда и дека целиот процес бил нетранспарентен и политички мотивиран. Како поткрепа за наводите, Јон Фрчкоски од СДСМ покажа документ за кој тврди дека е официјална претставка до Министерството за транспорт.
„Овој допис јасно укажува на координиран чин на елиминирање на другите понудувачи за да се избере фаворизираниот. Што точно крие овој скандалозен тендер? Иако основниот критериум бил најниска цена, се избрало скап понудувач“, рече Фрчкоски. Според него, ова ја потврдува тезата на опозицијата дека целта на преземањето на надлежностите за набавка на автобуси не била за да му се помогне на Скопје, туку за да се избере однапред договорена фирма, блиска до поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан. СДСМ побара од институциите да отворат истрага за целиот случај.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли обвинувањата, оценувајќи ги како неточни и политички мотивирани. Од партијата велат дека СДСМ повторно шири дезинформации и манипулации поврзани со поништената набавка, тврдејќи дека документот на кој се повикува опозицијата е лажен.
„Мислат дека со лаги и ширење на невистини некој ќе им поверува. Фотографијата во која наводно “откриле” нешто е тежок фалсификат и глупост. Јасно може да се види во писмото кое си го напишале сами во Центарот за лаги на СДС, дека лицето кое ја поднело жалбата – “ќе информира Белата куќа и МНР на САД”. Овој документ е лажен затоа што МНР на САД не постои, туку Стејт Департмент.“, се вели во соопштението на владејчката партија.
Со оваа размена на обвинувања, случајот со набавката на автобуси останува во фокусот на јавноста, додека двете страни продолжуваат со спротивставени тврдења околу законитоста и транспарентноста на постапката.
