СДСМ обвинува за скандали: Шефот во ЈПДП поставен од Трајановски фатен во нови злоупотреби

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Иако бил фатен како ја злоупотребува службената положба за што има и изречена дисциплинска санкција, новиот шеф на контрола на наплатната служба на патарините во Петровец, Миланчо Митревски наплаќал повеќе пари на патарините, а вишокот пари си ги земал за себе. Ова обвинување стигна од СДСМ, од каде воедно додаваат дека Митревски, поставен на позицијата од Коце Трајановски, директор на Јавното претпријатие за државни патишта, не плаќа патарини кога поминува со неговото возило.

„Еве слика од оваа снимка на којашто се гледа возилото кое го управува Митревски. Поради заштита на лични податоци нема во целост да ја објавиме. На 15.08.2024 во 08:47 часот непосредно од кога е назначен заедно со неговата сопруга Бети, присилно го тера вработениот на наплатна станица Отовица да го пропушти без да плати. Оваа е честа пракса на Митревски. Веднаш надлежните институции да преземат мерки и да установат колку пати Митревски направил вакви дела“, вели Менде Илиевски, советник во Општина Битола.

Со одговор се огласија од ВМРО-ДПМНЕ. Но наместо објаснување, имаше контра обвинување. Од владејачката партија велат дека на СДСМ им пречи што ЈПДП има зголемена наплата за 1,1 милион во јули оваа споредено со минатата година.

„СДС гледаат колку е подобрена работата на ЈПДП и затоа го напаѓаат Коце Трајановски. Втора работа која СДС сака да ја сокрие и заради која го напаѓа Коце Трајановски е тоа што непосредно пред избори во ЈПДП бројот на вработени го зголемиле за 50%, т.е. вработиле нови 150 луѓе. Најголемиот страв пред се е заради одговорноста за милионските криминали кои ги правеле, за која знаат дека доаѓа.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, ексградоначалникот на Скопје Коце Трајановски на почетокот на месец јули оваа година е назначен за нов директор на Јавното претпријатие за државни патишта. Трајановски дојде на место на Ејуп Рустеми од ДУИ кој беше разрешен од функцијата по промената на власта.