СДСМ: Силјановска нема потписи од граѓаните – поднесувањето кандидатура е само технички процес, велат од ВМРО-ДПМНЕ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Гордана Силјановска Давкова нема поддршка од граѓаните, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ нема валидни потписи за неа, тврдат од СДСМ. Таа својата кандидатура ја поднела со потписите на пратениците, но не и со потписите од граѓаните тврди портпаролката на партијата Богданка Кузеска.

„ДПМНЕ нема собрано валидни, законски потписи за нивната кандидатка за претседател  Гордана Силјановска Давкова. Кандидатурата во ДИК за Силјановска ДПМНЕ ги поднела со потписи од пратениците, а не со потписи од граѓаните. Очигледно ДПМНЕ како што ги лажираа анкетите сака да ги лажира и потписите, па кога разбрале дека ќе се проверува легалноста на секој еден потпис не ги поднеле“, вели Боганка Кузеска.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека сето ова се невистини и дека поднесувањето кандидатура е технички процес.

„Поднесувањето на кандидатурата е технички процес, професорката Силјановска Давкова имаше историски најголем одзив од граѓаните при собирањето на потписите за нејзината кандидатура и тоа е она што е најголема болка за Пендаровски и СДС. Поддршка од граѓаните е јасна и недвосмислена, а СДС и Пендаровски во истата ќе се уверат на 24 Април и 8 Мај“, велат од партијата.

Од  денеска и официјално е затворен процесот на поднесување кандидатури за претседателските избори, на кои беа пријавени 7 кандидати и тоа актуелниот претседател Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова, Бујар Османи, Арбен Таравари, Билјана Ванковска, Максим Димитриевски и Стевче Јакимовски.