СДСМ вечерва ќе го свика извршниот и централниот одбор на партијата за да разговараат за тоа како ќе продолжат преговорите со опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Портпаролот на оваа партија Дарко Каевски рече дека очекуваат разговорите со партијата на Мицкоски да се движат во позитивна насока, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ начелно се согласи со уставните измени.
Но од ВМРО-ДПМНЕ се зачудени зошто СДСМ одржува такви состаноци, кога го одбиле предлогот уставните измени да се случат по членството на земјава во ЕУ.
Според пратеникот на ДУИ, Арбр Адеми земјава имала и поголеми прашања од уставните измени и ги надминала успешно. Вели дека измените се услов за земјава да зачекори по патот на ЕУ и затоа очекува да се обезбеди потребното мнозинство.
„За да се одржи втората владина конференција и да се отворат кластерите, да се отворат поглавјата, потребно е да имаме успешен и заокружен процес со усвојување на уставните измени. Очекувам да се обезбеди квалификуваното мнозинство, потребното, бидејќи станува збор за иднината на идните генерации, за иднината на нашата земја“, вели Арбр Адеми.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека би ги прифатиле уставните измени во влада без ДУИ и уставните измени да важат тогаш кога земјава ќе стане членка на ЕУ.
