СДСМ ја обвини Владата предводена од Христијан Мицкоски дека наместо со реални економски резултати, се занимава со, како што велат, пропаганда, оценувајќи дека животниот стандард на граѓаните опаѓа. Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека опозицијата со своето соопштение несвесно ја потврдува економската реалност и оти граѓаните денес живеат подобро.
Од СДСМ велат дека Владата од почетокот на 2024 година нема остварено реални резултати во економијата и европските интеграции, кои, според нив, биле меѓу главните предизборни ветувања. Од партијата посочуваат дека според податоците на Државниот завод за статистика, во јули 2026 година продолжил растот на цените, особено кај транспортот и угостителските услуги.
Според СДСМ, поскапувањата директно влијаат врз семејните буџети и трошоците за основните производи. Од партијата тврдат дека куповната моќ на денарот во однос на основните производи е намалена за околу 30 проценти во споредба со 2022 година.
СДСМ обвинува дека Владата ја користи намалената стапка на инфлација како доказ за подобрување на животниот стандард, иако, како што велат, цените остануваат на високо ниво.
„Падот на инфлацијата од 16 на 2,3 проценти значи само дека цените продолжуваат да растат, но со побавно темпо“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека за производите реално да поевтинат, инфлацијата би требало да биде негативна.
Опозициската партија ја обвини Владата и за зголемено задолжување, тврдејќи дека во последните две години државата била задолжена за повеќе од 2,5 милијарди евра. Воедно, СДСМ го критикува и кредитот од една милијарда евра, познат како „унгарски“ или „Орбанов кредит“, при што отвора прашања за условите, каматите и наводни провизии.
Од СДСМ велат и дека Владата не прифатила мерки што тие ги предложиле за заштита на животниот стандард, а изразуваат загриженост и за состојбата со пензискиот фонд и вториот пензиски столб.
„Не е потребна никаква статистика за граѓаните да видат како живеат. Доволно е да погледнат во своите фрижидери и паричници“, наведуваат од СДСМ, од каде што додаваат дека единствениот пат за економски развој го гледаат преку членството во Европската Унија.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлаат обвинувањата и велат дека СДСМ со своето соопштение потврдил оти во 2022 година поскапувањата биле значително повисоки.
„Во СДС изгледа не читаат што им пишуваат, само праќаат. Кажуваат дека во 2022 поскапувањата биле поголеми и изнесувале високи 16 проценти“, реагираат од владејачката партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека инфлацијата во јули изнесувала 2,3 проценти и дека куповната моќ на македонските граѓани е највисока во регионот, како и во однос на неколку европски држави.
Владејачката партија посочува дека во последните две години економијата се стабилизирала и дека седум квартали по ред бележи економски раст од 3 проценти или повеќе. Дополнително, велат дека платите растат во сите сектори и оти нивното зголемување ќе продолжи согласно законските обврски и колективните договори.
„Ова се параметри кои ја покажуваат реалната економска состојба во државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според владејачката партија, за време на мандатот на СДСМ граѓаните се соочувале со двоцифрена инфлација, додека сега, со инфлација од 2,3 проценти, Македонија е на второ место во регионот според најниска инфлација.
Двете најголеми политички партии остануваат на спротивставени позиции околу економските показатели, животниот стандард и куповната моќ на граѓаните, при што СДСМ предупредува на раст на трошоците за живот, додека ВМРО-ДПМНЕ ги истакнува ниската инфлација, економскиот раст и растот на платите како показатели за подобрување на економската состојба.
