СДСМ во разговори со ДУИ, Џафери сѐ уште без одлука за свикување на Собранието

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Веќе една недела откако започна дебатата за свикување на пленарна седница, но сѐ уште нема никаква одлука од првиот човек на законодавниот дом, Талат Џафери околу тоа дали иницијативата е во ред и дали ќе со свика Собранието, за што иницијатор беше СДСМ. Од партијата не се откажуваат од иницијативата и велат дека веќе разговарале и со ДУИ.

Од ДУИ негираат дека меѓу нив и СДСМ имало комуникација по ова прашање. Портпаролот на партијата, Бујар Османи, вели дека „во моментов во нивната агенда има само едно прашање – како да се надмине пандемијата и животот на луѓето да се врати во нормала“.

Од Алијанса за Албанците пак, велат дека за ова прашање ќе се консултираат и со експерти.

-Ние ќе побараме мислење и од експерти да дадат конечно разјаснување за ова. Откако ќе го дадат разјаснувањето, подготвени сме да седнеме и да донесеме заедничка одлука за доброто на граѓаните-рече Таравари.

Но, свикувањето на седница поттикна и дебата околу прашањето – кога ќе се одржат предвремените парламентарни избори? Иако лидерска средба ќе има кон средината на мај, сепак од СДСМ сметаат дека е рано да се зборува за избори.

Од ВМРО-ДПМНЕ немаат јасен став околу тоа дали се за свикување на собраниска седница, и додаваат дека е непристојно да се зборува за избори во овој период.

Иницијативата за свикување на итна седница беше потпишана од 35 пратеници на СДСМ и коалицијата, исклучените пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, ДПА, Движењето Беса и на Алијанса за Албанците. Седницата има две цели: потврдување на одлуката за прогласување на вонредната состојба од Претседателот Стево Пендаровски на 18-ти март и на одлуката за продолжување на вонреднатата состојба на 16-ти април. Експертите со став дека нема ништо спорно во тоа Собранието да се свика и повторно да се распушти.