Се бараат преживеани под урнатините, десетици загинати, над 800 повредени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Спасувачките екипи и пожарникарите се исцрпени. Веќе неколку часа непрекинато ги бараат преживеаните, но и телата под урнатините.

Спасувачките екипи пробиваат бетонски блокови од урнати згради во потрага по преживеани во Измир, третиот по големина град во Турција, кој беше најмногу погоден од земјотресот.

Според последните информации, во силниот земјотрес што вчера ги погоди егејскиот брег на Турција и источниот грчки остров Самос, загинаа најмалку 26 лица, а над 800 беа повредени.
Неколкумина се спасени од под урнатините. Имале среќа и го преживеале земјотресот.

„Добро сум. Ме спасија затоа што само едното стапало ми беше закачено. Таа нога навистина многу ме боли.“

Но, за жал некои немаа среќа.

“Тука живеат внука ми, чичко ми, баба ми и моето семејство, а тука живеат и тетка ми и ќерка ми. Имаме голем број семејства кои живеат тука и чекаме безнадежно. Рекоа дека има четири мртви тела под урнатините , но не знаеме кои се. Единствено што можеме да сториме е да чекаме. Мојата внука и тетка ми се спасени, но сепак чекаме новости за други семејства. Господе, ве молам помогни ни. Не ја губиме надежта.“.

По првиот, најсилен земјотрес од речиси седум степени, следеа околу сто помали, од кои најмалку 16 беа посилни од четири степени, а таа област ја зафати и „мало цунами“.

Најмалку 24 лица загинаа во Измир, вклучително и една постара жена која се удави, соопшти турската служба за вонредни ситуации

На Самос, двајца тинејџери загинаа откако се урнал ѕид врз нив, а дваесетина лица биле повредени. Двајца од повредените, меѓу кои и 14-годишно момче, се пренесени во Атина, а седуммина се хоспитализирани на островот, соопштија локалните власти.
Епицентарот на земјотресот, кој според Институтот Кандили бил 6,9 степени, бил во Егејското Море северно од Самос, ги погодил Турција и Грција во 14:51 часот по локално време.

Во Турција, се тресеше регионот од Егејско Море до Мраморното Море, а градоначалникот на Истанбул рече дека, иако го почувствувале земјотресот, нема материјална штета во градот. Повеќе од 3.000 спасувачи се испратени во Измир.

Пораки со сочуство до Турција и Измир, како и Грција пристигнуваат од сите страни. Тоа го сторија и функционерите и политичките лидери од Македонија. Премиерот Заев, министерот за надворешни работи Бујар Османи, лидерот на ДУИ Али Ахмети, и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски испратија пораки со сочуство и секако за помош доколку е потребна.