Европската унија сака што е можно поскоро да се отворат преговорите со Северна Македонија, одговори шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, запрашан околу изјавите на Димитров и Шекеринска.
„Ние посакуваме да отпочнат преговорите за членство на вашата земја што е можно поскоро. Како што рече комесарот за проширување г.Вархеи РСМ ги исполни сите барања за пристапување во ЕУ и сега треба да се направат обиди да се надмине сегашната состојба и да се отворат преговорите“, вели Дејвид Гир.
Откако земјава не доби датум за старт на преговорите со ЕУ пред два дена, вицепремиерот за европски прашања, изјави дека „довербата во ЕУ е на ниско ниво како никогаш порано “. И тоа не само кај нас, не може во толку наврати нешто да се каже, а да не се исполни. И се разбира, со паѓањето на довербата паѓа и влијанието, додаде тој. Загриженост поради губењето доверба во ЕУ изрази и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, која рече дека пристапот на унијата кон Западен Балкан бил стабилизација преку интеграција.
„Пристапот на Унијата кон Западен Балкан беше стабилизација преку интеграција. Сега кога процесот ја губи својата динамика пораката што ја праќаме до нашите европски пријатели е дека стабилноста, безбедноста и просперитетот на Западен Балкан многу зависат од неговата перспектива за приклучување кон ЕУ“, посочи Радмила Шекеринска.
Прашањето за недоверба во ЕУ се покрена поради повторното ветувањето за отпочнување на пристапните преговори, особено по решавањето на спорот за името со Грција. Сега Северна Македонија се соочува со блокада од Бугарија за историски и јазични прашања.
