Се изгради или не Поликлиниката во Сарај? – Никако да изгасне „огнот“ меѓу Беџети и Груби

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Не може за една Поликлиника четири години да велиш дека ќе се изгради. Секако дека некој треба да преземе одговорност зошто не е изградена, било јас, било некој друг“, вели Блерим Беџети.

Два дена откако градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети, во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 се пожали поради доцнењето на Поликлиниката во Сарај, првиот вицепремиер, Артан Груби, преку фотографии на Фејсбук информираше дека изградбата на поликлиниката веќе завршила.

„Се ангажиравме Владата преку Министерството за здравство да потпише анекс на договорот за поврзување на објектот со главниот пат, бидејќи тоа не беше вклучено во основниот проект, додека во втората фаза Министерството за здравство ќе продолжи со реализација на јавна набавка за снабдување со медицинска опрема и ставање во функција“, порача Артан груби.

И според заменикот-министер за транспорт и врски, Беким Реџепи, поликлиниката веќе е завршена.

„Bреди да се напомене дека Поликлиниката е завршена една година пред предвиденото“, вели Беким Реџепи.

Со брза реакција се јави општина Сарај. Од таму, тврдењата на Груби и Реџепи ги нарекоа дезинформации.

„Овој многу важен проект сѐ уште не е завршен. Анексот кој го спомна Владата сѐ уште не е донесен и овој анекс нема врска со објектот на поликлиниката, туку за изградба на оградата, поправка на дворот, каде што потоа ќе се обезбедат средства за медицинска опрема и апарати, како и стручен и технички персонал“, велат од Општина Сарај.

ТВ21 излезе на терен за да види како навистина стои работата со Поликлиниката. Забележавме дека во неколку делови во објектот сѐ уште е потребно да се работи, вон објектот имаше насобрано отпад, почнувајќи од отпадот што го фрлаат жителите, па сѐ до градежен материјал. Имаше и кабли кои преку прозорец беа спроведени во објектот.

„Уште во месец март беше ветено дека во Поликлиниката во Сарај многу брзо ќе почнат да доаѓаат пациенти, но од она што го увидовме на терен, се чини дека сега за сега нема ништо од тоа“, вели репортерката на ТВ21.

Од Министерството за здравство не добивме одговор до каде се процедурите за медицинската апаратура, вработувањата и процесот за примопредавање. Регионалната Поликлиника во Сарај зафаќа 1.600 м2, а на 45 илјади жители ќе им биде на располагање како дневна амбуланта за семејна медицина, стоматологија, педијатрија, лабораторија, рентген и фармација.