Партиите полека почнуваат да ја комплетираат листата на кандидати со кои ќе настапат на локалните избори иако, како што велат, се уште траат разговорите и комбинаториките за заеднички листи или пак меѓусебна поддршка.
Од ВМРО-ДПМНЕ веќе објавија 25 кандидати но за Град Скопје се уште се размислува дали ќе одат со градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски или министерот за локална Златко Перински. Засега, како што велат од оваа партија, натаму се водат разговори со владиниот коалиционер ЗНАМ дали ќе настапат заедно или пак ќе имаат взаемна поддршка во вториот изборен круг.

„Се уште вршиме анализи, мерења на рејтинзите за потенцијалните кандидати и очекуваме овој период пред нас кога ќе заврши овој процес на анализи да излеземе во јавноста со кандидати кои што ќе бидат потврдени на седница на Извршен комитет на партијата вклучително и за кандидат за Градот Скопје“, вели Бране Петрушевски.
И нивниот коалиционер ЗНАМ денеска рече дека се уште не е утврдено како ќе настапат но дека каква и да биде одлуката, нивниот претседател Максим Димитриевски ќе трча повторно за градоначалник на Куманово.

„Ние ќе имаме кандидат во градот Куманово, тоа е нашиот претседател Максим Димитриевски. Преговорите продолжуваат ќе имаме најмалку едно градоначалничко место во Скопје и други места ширум Републиката за кое што се уште траат преговорите“, порача Игор Филков.
Како сигурни кандидати за градоначалници од СДСМ ќе бидат Горан Герасимовски за Центар и Томе Христовски за Крушево. Методија Илиевски потпретседател на СДСМ вели дека со нови имиња ќе се огласат во текот на идната недела.

„Во секоја општина ќе градиме посебна стратегија и со тоа што во секоја општина на наредните локални избори ќе атакуваме на победа. Во наредниот период низ партиските тела и Извршниот одбор наскоро во текот на наредната недела ќе бидат потврдени нови 20-ина имиња за кандидати за градоначалници“, вели Методија Илиевски.
Од албанските партии веќе ги разгледуваат можните кандидати, а нивната битка ќе биде жестока за Струга, Кичево, Тетово, Гостивар и Чаир. Деновиве претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села рече дека очекува кандидатот за Струга да биде од нивните редови. Ахмети со став дека на локалните избори ќе бидат силен фронт.

„Сме во контакт со конструктивните политички сили во земјава и мислиме дека на локалните избори ние ќе бидеме цврст фронт во нашите цели за успешно управување во општините“, порача Али Ахмети.
Од ВРЕДИ веќе протекоа неколку имиња за кандидати. За Струга се споменуваат Менди Ќира, Бесник Асани и Петрит Положани, за Кичево можно е Фатмир Лимани или Реџеп Емини, за Тетово и Чаир се поверојатно е дека ќе одат со веќе актуелните градоначалници Биљал Касами и Висар Ганиу.
