Премиерот Мицкоски се сретна со министерот за економија Дурмиши, но официјално нема информација дали ќе има нови мерки и какви, со кои ќе се стопира растот на цените на храната. Неофицијално се размислува за враќање на старите мерки со замрзнување на маржите, како и потрошувачки кошнички како претходните. Што се „крчка“ во владината кујна официјално не се открива, но најверојатно ќе се знае до крајот на месецов кога ќе има седница на Економско-социјалниот совет.
И додека Владата анализира, реагираат партиите. Од Алијанса за Албанците со обвинувања дека Владата ништо не направила во заштита на стандардот на граѓаните по примерот на соседните земји. Бараат одговорност од Владата и конкретни мерки, зошто како што велат инфлацијата е скриен данок кој најмногу удира по сиромашните.
-Затоа бараме креирање на итен економски план со конкретни мерки за субвенционирање на најпогодените групи од инфлацијата. Намалување на ДДВ-то на основните прехрамбени производи и здравствените услуги, поддршка на локалните производители за гарантирање на безбедна храна и ограничување на зголемувањето на цените од увоз, запирање на шпекулациите на пазарот и ефикасни механизми за контрола на цените, изјави Елфете Исмаили, Алијанса за Албанците.
Од владејачката Вреди пак со одговор, презедовме силни мерки против растот на цените, инфлацијата е во опаѓање, а храната подостапна. На отчет за сработеното на министерството за економија за една година под раководство на Вреди, истакнаа дека преземените мерки даваат резултати.
-Презедовме силни мерки против зголемувањето на цените, ограничувајќи ги маржите за над 1.000 производи. Денес инфлацијата оди во надолна линија. Во завршна фаза сме на официјалната потрошувачка кошничка која ќе служи како основа за попрецизни економски и социјални мерки. Исто така развиваме апликација за спроведување на цените за граѓаните да знаат каде да купуваат поевтино, изјави Јумни Адеми од ВРЕДИ.
Премиерот вчера најави дека до крајот на месецов ќе се одржи седница на Економско-социјалниот совет. На маса треба да се најдат евентуалните мерките за стопирање на растот на цените, како и владината потрошувачка кошничка која требаше да биде готово уште пролетва. Проблем е што е краток периодот за носење мерки бидејќи локалните избори треба да се распишат во август, по што се запираат сите процеси.
Статистика потврди дека инфлацијата во земјава не стивнува. Во јуни годишната инфлација била 4,5 проценти. Растеле сите цени особено на храната. Па така во јуни во однос на јуни лани биле повисоки за 6,3%.
