Со можното проширување на мнозинството, на Алтернатива ѝ се заканува опасност да остане без неколку ресори. ТВ21 дознава дека Министерството за здравство со кое раководи оваа партија е првиот ресор кој ќе замине во рацете на Алијанса за Албанците, секако доколку стане дел од Владата. Исто така, ТВ21 од свои извори дознава дека АА ќе има шанса да избере меѓу Министерството за правда и земјоделство, со кои раководи СДСМ, покрај ресорите образование и животна средина, каде во моментов на чело е кадар на ДУИ. Ако АА евентуално побара две министерства од иста партија, тогаш СДСМ и ДУИ меѓу себе ќе треба да направат размена на ресори. Премиерот Димитар Ковачевски и понатаму негира дека со лидерот на опозициската партија, Арбен Таравари разговарал за поделба на колачот.
Запрашан за гласините дека Министерството за здравство може да ѝ биде одземено на Алтернатива, генералниот секретар на оваа партија, Зеќирја Ибрахими, не даде никаков коментар, само рече дека во официјалните изјави Ковачевски и Таравари не го потврдиле влегувањето на АА во владиниот кабинет.
-Оваа работа за учество во Владата и кој какви ресори добива, не е дека некој ќе изрази желба и сите ние треба да се занимаваме со тие желби, затоа што тогаш испаѓа дека не треба воопшто да работиме, туку да се занимаваме со туѓите желби-рече Ибрахими.
Од Алијанса за Албанците велат дека досега немало средба или разговори за поделба ресори.
-Доколку има некаков интерес од Владата или од други субјекти за средба, тоа ќе биде објавено јавно, без оглед на темата на разговорите. Информациите за министерства и конкретни имиња се целосно невистинити и медиумски сензации-изјавија од Алијанса за Албанците.
Вчера, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши се сретна со премиерот Ковачевски.
-Се разговараше за политичката актуелна состојба, фокусирајќи се на спроведувањето на политичкиот договор потпишан меѓу Алтернатива и СДСМ минатата година и на давање поттик за што поскоро спроведување на овој договор. На средбата се разговараше и за можноста за проширување на парламентарното мнозинство и заеднички беше констатирано дека сега засега ништо не е сменето во однос на бројките на мнозинството-велат од Алтернатива.
Следната недела се очекува лидерите на владејачките партии да се сретнат со претставници на опозициската Алијанса за Албанците.