Се најавуваат анализи и промени! Дали по изборите СДСМ ќе добие ново раководство?!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

„Прв круг е прв круг, втор круг очекуваме подобри резултати, па потоа да даваме оценки.“, изјави Маричиќ.

На овој начин, меѓународниот секретар на СДСМ, Бојан Маричиќ одговори на новинарско прашање за големата разлика на освоени гласови во првиот круг од претседателските избори, или поедноставно кажано малиот број на гласови на Стево Пендаровски во однос на Силјановска.

Се уште се оптимистични, иако според реториката, очекувањата биле поголеми. Се надеваат дека во вториот круг ќе биде поинаку. А што ќе се случува по 8-ми мај? Дали Маричиќ индиректно најавува големи партиски промени.

„Во среда на 8-ми мај очекуваме, прво секако подобар резултат од оној во првиот круг. По 8-ми мај, очекуваме…СДСМ е партија која има и постапки и процедури, демократски капацитет и потенцијал да ги отвори сите дискусии и да ги анализира и причините за овие резултати, но и последиците по државата и партијата.“, вели Маричиќ.

Но, Јован Деспотовски, кој во 2021 година се кандидираше на конгресот на СДСМ за лидер на партијата пред да биде избран Димитар Ковачевски, во гостувањето во Дејли Клик на ТВ21, пред неколку дена, најавува дека по изборите СДСМ ќе има ново раководство. Како што тој вели, треба да се подаде рака на гласачите и симпатизерите на партијата, кои отидоа кај Максим Димитриевски.

„Што треба сега да направиме? И според мене новото партиско раководство треба да подаде рака кон избирачите кон нашите членови кои во првиот круг од претседателските избори, а дел од нив верувам и сега заокружиле за Максим. На кој начин тоа треба да се направи? Треба да се седне и да се разговара, меѓутоа секако станува збор за нашите поранешни, сегашни идни партиски другари кои биле заедно со нас изминатите 20 години во сите битки кои СДСМ ги водела.“, рече Деспотовски.

На првиот круг од претседателските избори Силјановска Давкова освои 363.086 гласови, Пендаровски 180.500, а Максим Димитриевски 83.856 гласови. Според одредени анализи, голем број на гласовите од овие речиси 84 илјади, се симпатизери и гласачи на СДСМ, кои поради одредено незадоволство одлучиле да гласаат за Димитриевски кој беше исклучен од партијата.