Деполитизирана администрација која ќе биде сервис на граѓаните и пример за отчетност и транспарентност, ова се најавува со реформите во администрацијата. Премиерот Христијан Мицкоски обраќајќи се на годишната регионална конференција за јавна администрација како најголем проблем ја посочи партизацијата и бирократијата. Затоа како неопходни чекори ги истакна:
„Нашите цели за реформа опфаќаат под 1 – дигитализација на услугите, обезбедување што е можно повеќе услуги да бидат достапни он-лајн. Ќе се залагаме за деполитизирана администрација каде клучни ќе бидат стручноста и посветеноста“, рече Мицкоски.
На ова преку соопштение реагираат од СДСМ од каде велат дека ветувањата на премиерот Мицкоски за деполитизирана и професионална администрација се празни зборови.
„Денес администрацијата е претворена во акционерско друштво за вработување на партиски кадри. Наместо компетентни и професионални кадри, за шест месеци Мицкоски ги деградираше професионалците и постави луѓе без компетенции и знаења, а од квалификации поседуваат само партиска книшка на ВМРО-ДПМНЕ“, велат од СДСМ.
Министерот за јавна администрација Горан Минчев пак нагласи дека во реформите ќе се залагаат за зголемување на ефикасноста. Јавната администрација е двигател на развојот на нашата држава и процесот на интеграција во Европската унија, истакна Минчев.
„Нашите заложби за професионализација, дигитализација и зголемување на ефикасноста на јавната администрација не се само зборови на хартија, тие се конкретни чекори што ќе ги преземеме во интерес на нашите граѓани“, изјави Минчев.
Инаку, законите за реформи во јавна администрација ќе се најдат собраниска процедура, на почетокот на идната година, на кои сега се уште работи работна група.