Првата доза од вакцината против Ковид-19 во Кичево ја примиле 19 илјади граѓани, втората доза околу 17 илјади, а со третата се вакцинирани само 1 830 граѓани. За директорот на Здравствениот дом во Кичево, Џабир Бајрами, бројките на вакцинираните со трета доза се задоволителни, но загрижувачки е тоа што е намалена заинтересираноста кај лицата кои се уште не ја примиле првата и втората доза.
„Мене ми е жал што се намали заинтересираноста за првата доза, а за третата доза донекаде е добро, значи за еден месец сме вакцинирале 1 830 граѓани. Денеска ги изброив сите спецификации за да ви кажам точно. На пример само вчера од вкупниот број на вакцинирани околу 70 до 100 граѓани беа со трета доза, а 15 со прва доза“, посочи Џабир Бајрами.
Во просториите на кичевската болница сретнавме граѓани кои ги прашавме за имунизацијата. Неколкумина денеска беа таму за да ја примат првата доза, а други кои ја примиле првата доза велат дека не планираат да ги земат втората и третата доза.
„Ја примив првата доза, чекам за другата“.
„2 вакцини се доволни, потоа излегува третата, четвртата“.
„Да, вакциниран сум со прва доза!“
-Дали ќе се вакцинирате со втора и трета доза?
„Да ви кажам искрено не планирам бидејќи многу граѓани не се задоволни“.
Бајрами апелира до сите граѓани за да се вакцинираат бидејќи, како што додаде, во текот на јануари или февруари не очекува бран од сојот Омикрон.
„Пикот на новата варијанта на вирусот Ковид Омикрон се очекува да биде во јануари-февруари во Македонија, со доаѓањето на печалбарите, со движењето на граѓаните и за да се спасиме од таа варијанта која многу брзо се шири, дури побрзо од Делта, упатуваме повик за вакцинација со третата доза“, додава Џабир Бајрами.
Во Ковид центарот во Кичево во моментов се хоспитализирани околу 10 заболени пациенти, многу мала бројка за разлика од август, кога центарот беше преполн и за еден месец битката со Ковид ја изгубија околу 37 лица.
