Ако до март не биде донесена пресуда за предметот „Таргет-Тврдина“, постои можност да падне обвинението за поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков за кривично дело – уништување на двата система за следење на комуникациите, велат од Здружението „Зелена Лупа“
Во ноември 2018 година, на Мијалков му беше изречена првата мерка притвор за овој случај.
Од Кривичен суд велат дека ниту едно дело за кое се гони Мијалков досега не е застарено.
„Ниту едно од кривичните дела кои им се ставаат на товар и за кои се води кривично, предмет означен како „Таргет/тврдина“ до овој момент не е застарено. Основниот кривичен суд-Скопје ја информира јавноста дека предметот сѐ уште е активен и се води за сите кривични дела опфатени во обвинителниот акт“, велат од Кривичниот суд.
Инаку, во случајот „Таргет-Тврдина“, Мијалков се гони и за „злоупотреба на службената положба“ и „злосторничко здружување“, обвиненија кои засега не можат да застарат, бидејќи станува збор за потешки кривични дела.
Вкупно 177 луѓе досега поднеле барање за отштета во предметот „Таргет Тврдина“ од најмалку 25 милиони евра за незаконско прислушување.
Освен во овој, екс-директорот на УБК е обвинет и во неколку други случаи, како што е „Тортура“ кој се однесува на апсењето на Љубе Бошкоски, „Трезор“ за набавка на опрема за Петтата управа, случај кој во моментов е во доказна постапка, додека во предметот „Титаник 2“ пак, му е изречена казна затвор од три години за изборни неправилност.