Украинскиот претседател Володомир Зеленски реагираше на веста за дозволата на Западот Украина да ја нападне Русија со оружје со долг дострел, велејќи дека одлуките „не се носат со зборови“ и дека „ракетите ќе зборуваат сами за себе“.
Украинскиот лидер рече дека планот за зајакнување на Украина е победнички план што им го претстави на партнерите и дека една од неговите „клучни точки“ е способноста да се гаѓа руска територија со оружје со долг дострел.
„Денес во медиумите многу се зборува за тоа дека добивме дозвола за соодветни дејствија. Но, ударите не се изведуваат со зборови. Такви работи не се најавуваат. Ракетите сами ќе зборуваат“, рече Зеленски, кој кажа дека денеска се случил еден од најсериозните руски напади, во кои загинаа седум лица, а енергетската инфраструктура е тешко оштетена.
„Ова е одговор на сите оние кои сакаа да постигнат нешто со Путин преку разговори, телефонски повици, прегратки. Денеска овој „гулаб на мирот“ ни испрати уште еден ракетен оган. Ова е негова дипломатија, неговиот јазик е предавство. Треба да се вложи време, не во разговори со Москва, туку навистина да се принуди Русија да стави крај на војната“, рече Зеленски.
Ројтерс објави дека три добро информирани извори рекле дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ги укинала ограничувањата кои претходно ја спречувале Украина да користи американско оружје за да изврши напади длабоко на руска територија.
После одлуката на САД да дозволи Украина да може да ја нападне Русија со американски ракети, истата ја донесоа и Велика Британија и Франција.