Ќе се тргнат ли 20% за Албанците со уставните измени? – Лога вели дека приоритет е воведувањето на Бугарите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На средбата со колешката од Aвстрија на министерот за правда Кренар Лога, поради протоколот, не му беше дозволено да одговара на новинарски прашања, иако за тоа имаше голем интерес, особено по вчерашната изјава на премиерот Ковачевски, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, дека не се согласуваат со идејата за пакет уставни измени.

-Само да се поздравиме и ќе се вратам…

-А ха, Вие ќе останете за прашања!

-Ќе Ве чекаме. 2 минути ќе Ви одземеме. Само едно прашање имаме…

Од кабинетот на министерот Лога рекоа дека австриската делегација побарала на конференцијата да нема прашања. Откако ја испрати својата колешка, Алма Зодиќ, се врати да им одговори на новинарите, но далеку од камерите. Според Лога не станува збор за несогласување со премиерот и другите колеги од владиниот кабинет, туку појасни дека неговата идеја произлегла од средбите со повеќе професори и експерти, дека доколку се отвори Уставот, нешто што не се случува често, би било добро да се пополнат и уредат сите празнини кои со години се отворени во Уставот.

„Приоритет над приоритетите е преамбулата, да се вметнат сите помали заедници, а доколку се отвори Уставот, како моја предлог идеја беше за сите овие празнини во Уставот на соодветен начин да се најде решение. За сите овие прашања ни треба консензус, јас останувам на ставот и ги повикувам и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за сите прашања поврзани со Уставот и други прашања, нашата врата е отворена“, вели Кренар Лога.

До понеделник, Министерството за правда ќе формира работна група составена од експерти кои треба да започнат со изготвување на содржината на амандманите или самите амандмани. Земјава има рок до ноември да ги реализира уставните измени. Премиерот Димитар Ковачевски е убеден дека нема да има доцнење, бидејќи, според него, земјава има европски капацитет за потребните измени.

Но дали ќе се постигнат потребните 81 глас за уставните измени. Претседателот Стево Пендаровски рече дека единствениот начин е комуникација со опозицијата за земјава да чекори напред.

Доколку не се направат уставните измени со вметнување на Бугарите и другите заедници во Уставот, тогаш земјава ќе биде блокирана од ЕУ и ќе запре патот кон зачленувањето во европското семејство.