Се поизвесен петтиот сет економски мерки – пари има, велат од Владата, треба да се утврдат таргет групите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Петтиот сет економски мерки  се очекува набргу да стане реалност . Пари во Буџетот за оваа намена има, велат од Владата. Според нивните  најави , наскоро за ова се очекуваат консултации и со Синдикатите, Стопанските Комори и другите социјални партнери. Целта како што додаваат, е таргетирање  на  оние кои се најпогодени од Ковид кризата . Премиерот Заев уверува дека Владата и во иднина ќе ја  поддржи мерката за субвенционирање на плати и за помош на компаниите. Додаде дека  финансиската моќ  на Владата за нова помош ќе зависи од тоа колку долго ќе трае Ковид кризата.

„Државата има веќе резервирано 50 милиони евра на Ковид програма,дополнително има 17 милиони евра за плати,во самите ресори имаме некаден околу 30 милиони евра…. И се надеваме дека нема да бидат пак 12 месеци, дека ќе бидат месец дена,два,три,зависи од вакцината…. Ако трае кризата не дај боже да трае ќе направиме ребаланс на Буџетот и ќе обезбедиме пари“, истакна Зоран Заев.

Ќе инсистираме парите од петтиот пакет да бидат уште  поправично распределени на работниците и секторите кои се најпогодени од кризата, потенцираат  од Конфедерацијата на независни синдикати. Во надеж дека во најскоро време ќе бидат повикани на разговор со Владата, сугерираат дека таргет од новиот пакет економски мерки  треба да биде Угостителскиот сектор. Додаваат, дека таму загубите се најголеми и тоа  како последица на ограниченото работно време.

„Ние како синдикати повторно ќе бараме парите што ќе бидат наменети за вработените да се направи напор да легнат директно на сметките на вработените ..Зашто гледате и денеска се уште има компании неодговорни, каде и покрај тоа што има префрлени наменски средства, одредени работодавачи не ја испочитуваа таа одлука. Наоѓаат разни начини само како да не исплатат на работниците“, додава Марјан Ристевски.

Кои мерки ќе бидат опфатени во новиот  петти пакет ќе  зависи од работниците синдикатите коморите и сите засегнати во процесот рече Заев. Владината поддршка ќе биде слична како и досегашната . Поддржани беа 30 проценти од компаниите во делот на исплата на плати и задржување на работните места на работниците.Инаку повеќе од една милијарда евра Владата потроши со досегашните четири пакети наменети за помош на компаниите во Ковид криза.