По информациите што се појавија во јавноста дека е уапсен, сопственикот на приватната болница „Санте Плус“, Биљал Кара, се огласи со демант, тврдејќи дека информациите за негово апсење се неточни.
Кара во своето обраќање истакна дека е слободен граѓанин, дека се наоѓа на своето работно место и дека е подготвен целосно да соработува со надлежните институции.
„Никогаш не сум бил уапсен. Тоа се дезинформации. Како што можете да видите, јас сум слободен граѓанин и се наоѓам на моето работно место, во мојата канцеларија“, изјави Кара.
Тој нагласи дека целокупната документација е достапна за надлежните органи и дека нема никаква пречка за соработка со институциите.
„Тука сум да соработувам со институциите. Целата документација е на располагање и подготвен сум да соработувам со истражните органи и со сите надлежни институции во Македонија“, порача сопственикот на „Санте Плус“.
Со оваа изјава, Кара јавно ги отфрла информациите за негово наводно апсење и изразува подготвеност за соработка со истражните органи.
