Премиерот Ковачевски за прв пат го помести рокот за уставните измени иако досега се тврдеше дека тие треба да бидат донесени до крајот на ноември, односно кога завршува скрининг процесот. Тој воедно ги повика пратениците да размислат како ќе гласаат за уставните измени, а од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски побара да каже која е неговата опција.
„Значи процесот е многу јасен и кога ние ќе го завршиме процесот на скрининг тогаш Европската унија ќе чека да ги завршиме уставните измени. На почетокот на неделата претседателот на ВМРО-ДПМНЕ кажа – европската агенда не е иста со македонската агенда. Тоа значи дека тој има некаков друг план во однос на интеграцијата на државата и тоа треба да го објасни“, вели Димитар Ковачевски.
Да точно, Мицкоски потврди дека за него оваа европската агенда на власта не е иста со македонската.
„Да, точно, тука е во право Димитар Ковачевски кога вели дека европската агенда според коалицијата ДУИ поддржана од помалиот коалиционен партнер СДСМ кој што уште за кратко време претпоставувам тој ќе биде претседател е сосема различна од македонската која што е дел од вистинската европска агенда. Македонската вистинска агенда секогаш била, е и ќе остане дел од вистинската европска агенда односно вистинските европски вредности“, вели Христијан Мицкоски.
Седницата за потребата за уставните измени е закажана за 18-ти август но колку ќе трае ќе зависи од тоа колку пратениците ќе дебатираат на неа. Иако е предвидено дебатата да трае најмногу 10 дена, претседателот на Собранието Талат Џафери во летното издание на Клик плус вели дека тоа не може да се предвиди и самата седница може да трае и една минута доколку нема пријавени за збор. Џафери ги повика и пратениците но и сите политички фактори да ја преземат одговорноста за нашето членство во Европската унија.
„Смислата на убедување или разубедување на пратениците не е обврска на Собранието, односно на претседателот на Собранието да ја води таа дебата во таа насока. Затоа што би се претворил во учесник во она што е тесно политичко-партиско делување. Сметам дека сме ние генерација која што треба на сопствени плеќи да ја преземеме историската одговорност како политичари. Можеби во моментов тешки одлуки и секогаш во историски момент постојат такви тешки одлуки за да се отвори патот без оглед на можните дневно-политички последици по однос на нашиот политички статус“, вели Талат Џафери.
Вчера Џафери рече расправата на уставните измени ќе се одржи на седницата закажана за 18 август, но гласањето за потребата за уставни измени може да биде одложена доколку за нивно гласање не е обезбедено потребното двотретинско мнозинство.
